Најважно е човек да е посветен и да си ја работи работата со душа

Во јавноста, прим. д-р Мендух Јегени важи за успешен професионалец во својата област. Во неговото седумнаесетгодишно искуство како гинеколог, со негова помош и интервенција на свет се донесени повеќе од 3.000 бебиња. Од неодамна, тој својата дејност ја продолжи во првата приватна општа болница „Ре-Медика“. Ја избрал токму „Ре-Медика“ поради фактот дека, како што и самиот вели, станува збор за етаблирана и стабилна болница, која е бренд кој ги следи сите технолошки и научни достигнувања. За тоа како ја одбрал својата професија, за тоа колку часа останува на работа и дали има време за семејството, но и за тоа како е најдобро да се постапи при одлуката дали породувањето ќе биде спонтано или со царски рез разговаравме со д-р Јегени во ова интервју.

Раскажете ни накусо како се случи да ја изберете оваа специјалност?

Изборот беше случаен, и првиот – оној околу изборот на професијата лекар, како и вториот избор, специјалноста. Како гимназијалец, во тие години можеби бев повеќе наклонет кон математиката и егзактните науки, а и тогашната матурска тема ми беше од математиката. Се сеќавам дека беше лето и во тие летни жештини, можеби од разговорите со пријателите и блиските дека докторот е почитуван професионалец во општеството ме натера да се пријавам во тие тогашни конкурси за упис на Медицински факултет. Во тој обид за упис успеав и така ги започнав студиите, иако во тој период сè уште математиката ми беше љубов.

Во јавноста важите за човек кој е многу успешен во својата професија. Што е клучно за еден доктор да биде добар во тоа што го работи?

Во секоја професија е најважно да сте посветен. Сè што работите треба да го работите со душа, со задоволство. Не од некои други побуди. Активен ме држи желбата да бидам успешен, да бидам тука за луѓето кога имаат потреба од мој совет или интервенција. Тоа е едно чувство кое е тешко да се опише со зборови. Она што ме движи напред е мотивот да се направи најдоброто што може во даден момент. Да им помогнам на луѓето кога имаат потреба да им се помогне.

Колку бебиња вкупно дошле на свет со помош на д-р Јегени?

Не сум ги броел прецизно. Во просек можеби 200 годишно. Ако се помножи со бројката на работен стаж, веројатно бројката ќе биде голема, а гинеколог сум од 2001 година, односно веќе 17 години. Значи, вкупно повеќе од 3.000 бебиња.

Вашата работа ви овозможува да запознавате различни луѓе, различни двојки. Можете ли да издвоите некоја интересна случка, од некое породување можеби?

Имам комуникација со луѓе од најразлични професии, со луѓе со најразлично образование, припадници на различни националности и вери. Сите ми се мили, на сите подеднакво со душа се посветувам за да го дадам максимално тоа што го знам. Некоја посебна случка во овој момент не можам да издвојам.

Како реагирате кога мајки кои сте ги породиле, по неколку години ќе ве сретнат на улица, ќе ви се претстават и ќе ве поздрават?

Тоа се многу убави чувства, со оглед на тоа дека можеби не сум имал во мојата кариера многу проблематични случаи на породување. Мило ми е, се гордеам, а некогаш и им се извинувам оти е невозможно сите да ги запомнам. Имиња и ликови не памтам, но ако некој детаљ од тие наши средби ми останал во некој фолдер во меморијата, тогаш можам да се сетам на целиот случај и на породувањето. И тогаш разговорот ни трае малку повеќе.

Кој е вашиот совет за идните мајки, дали да го слушаат докторот наместо сопствените желби кога станува збор за начинот на породување?

Сите гинеколози го советуваат и предлагаат тоа што е најдобро за мајката и за бебето. Препораката на докторот е нешто што е најдобро во моментот за трудницата и тие препораки треба да се почитуваат.

Вие сте семеен човек. Ви останува ли доволно време за себе и за семејството? Што прави д-р Јегени кога го соблекува белиот мантил и заминува од работа?

Нашата специјалност, гинекологијата е таква по природа, која држи под тонус 24 часа. И моментот кога одам дома од болница мислам на моите пациенти. Емоционално сум поврзан со тие пациенти. Поради начинот на извршување на оваа специјалност, дежурства, прва смена, работата не секогаш завршува во периодот од 8 до 15 часот. Тие распореди некогаш можат да бидат од 8 наутро, па сè додека не завршам работа, може да ме фати и наредниот ден. Семејството секогаш ми е на прво место, но поради мојата работа данокот тие си го плаќаат – семејството и пријателите. Не се ретки одложувањата на планираните средби со нив, но блиските секогаш имаат разбирање и секогаш се на „стенд бај“. Тоа е реалноста.

Сте размислувале ли за тоа што би работеле кога не би биле гинеколог?

Од оваа временска дистанца, ако имам можност уште еднаш да избирам професија, сигурно не би сменил ништо во изборот. Сепак, ова е една благородна и една пријатна професија која дава можност да се запознаат многу и најразлични луѓе од сите етнички и верски заедници. Се стекнуваат нови пријатели.

Колку е важно за еден доктор континуирано да работи на своето усовршување?

Медицината е област која бара постојано да се биде во тек со современите трендови. За да бидеш во чекор со технологијата, со протоколите, мораш постојано да бидеш во некој научен тонус, мора да ги следиш иновациите, достигнувањата, за да бидеш успешен. За тоа мора да се најде време. Дали во викендите, дали во слободното време. Се менуваат ставовите и научните сознанија и тоа мора да се следи и да се почитува.

Која е причината поради која ја одбравте „Ре-Медика“ да биде ваше место каде што ќе продолжите да го работите она што го работите?

Во периодот кога размислував да го променам работното место, за мене беа битни неколку работи. „Ре-Медика“ е етаблирана болница, и сигурна, бренд кој ги следи сите технолошки и научни достигнувања. Тоа беа доволни причини да не се двоумам при изборот.

The post Најважно е човек да е посветен и да си ја работи работата со душа appeared first on РЕ-МЕДИКА.

Source: Bolnica Re-Medika, http://www.remedika.com.mk/