Хипотироидизам – намалена функција на тироидната жлезда

Тироидната жлезда е најголемата ендокрина жлезда во човековиот организам. Овој ендокрин орган со форма на пеперутка е одговорен за регулирање на метаболните процеси во телото и клеточната респирација.

Тироидеата продуцира два тироидни хормони и тоа тријодтиронин (Т3) и тетрајодтиронин – тироксин (Т4). Со лачењето на тироидни хормони во крвотокот, се овозможува непречено одвивање на метаболните процеси на ниво на клетка.

Зголемената функција на тироидната жлезда проследена со прекумерно лачење на тироидни хормони е познато како хипертироидизам, додека намалено лачење на тироидни хормони се нарекува хипотироидизам.

КОИ СЕ СИМПТОМИТЕ И ЗНАЦИТЕ НА ХИПОТИРОИДИЗАМ?

Намалената функција на тироидната жлезда може да ги предизвика следните симптоми и знаци:

  • Замор;
  • Малаксаност;
  • Недостиг на енергија;
  • Сонливост;
  • Кршлива и сува коса;
  • Опаѓање на косата;
  • Сува кожа;
  • Кршливи нокти;
  • Покачување на телесната тежина и покрај намалениот апетит;
  • Отежнато губење на вишокот килограми;
  • Опстипација (запек);
  • Нетолеранција на ладно;
  • Болки во мускулите и зглобовите;
  • Мускулни грчеви;
  • Отоци на рацете и нозете;
  • Нарушување во меморијата;
  • Oтежната концентрација;
  • Отоци околу очите;
  • Нарушувања на менструалниот циклус кај жени и импотенција кај мажи;
  • Намалување на либидото;
  • Иритабилност;
  • Депресија.

При намалена функција на тироидната жлезда, клиничката слика е индивидуална и може да се манифестира со различна комбинација од кои било од горенаведените симптоми и знаци. Интензитетот на симптомите варира во зависност од тежината на болеста (колкав е недостатокот на тироидни хормони, колкав е временскиот период на хормоналниот дефицит итн.).

Кај дел од заболените, може да не се јават никакви симптоми или да бидат со многу слаба изразеност, па болеста да се провлекува со години. Затоа, доколку имате некој од горенаведените симптоми, консултирајте се со Вашиот доктор или со специјалист ендокринолог.

ШТО СЕ СЛУЧУВА ДОКОЛКУ ХИПОТИРОИДИЗМОТ НЕ СЕ ЛЕКУВА?

Ненавременото откривање и лекување на хипотироидизмот може да доведе до:

  1. Гушавост. Бидејќи телото има потреба од тироидни хормони, а при хипотироидизам потребното количество недостасува, организмот зголемено лачи друг хормон познат како TSH (тиреостимулирачки хормон). Овој хормон има за цел да ја стимулира тироидната жлезда да лачи повеќе тироидни хормони. Постојаното „бомбардирање“ на тироидната жлезда со TSH, може да предизвика зголемување на тироидната жлезда и да настане гушавост.
  2. Кардиолошки проблеми. Намалената функција на тироидната жлезда може да предизвика проблеми со срцето. Поради недостигот на тироидни хормони се зголемува нивото на LDL (лошиот хoлестерол), а тоа може да доведе до инфаркт. Хипотироидизмот може да предизвика и перикардна ефузија (течност околу срцето), со што се отежнува срцевата работа.
  3. Инфертилитет. Доколку нивото на тироидните хормони е екстремно ниско, тоа може да влијае врз овулацијата и последователно жената да има потешкотии при зачнување.
  4. Периферна невропатија. Болка, трнење, намалена сензитивност на допир се само дел од симптомите, кои може да укажуваат дека нетретираниот хипотироидизам предизвикал оштетување на периферните нерви. Симптомите најчесто се јавуваат на рацете и нозете.
  5. Здравствени проблеми кај новороденчиња. Доколку жената е бремена, а притоа има некое тироидно заболување за кое не добива соодветна терапија, веројатноста бебето да има интелектуални и развојни проблеми е значително висока. Новороденчињата кои имаат дефицит на тироидни хормони, имаат сериозен ризик да заостанат во физичкиот и психичкиот развој. За среќа, со навремено откривање на состојбата и давање на соодветна терапија, ризикот практично се анулира.
  6. Микседем. Станува збор за состојба која се јавува кај лица со тежок, нетретиран хипотироидизам. Покрај генерализираните едеми, се јавува срцева слабост, перикардна ефузија, хипонатремија, намалување на мотилитетот на цревата и кома.

КАКО СЕ ДИЈАГНОСТИЦИРА ХИПОТИРОИДИЗАМ?

Поради различната клиничка слика на болеста, поставувањето на дијагноза за хипотироидизам може да биде голем медицински предизвик. За да се дојде до точна дијагноза, потребно е да се земе добра анамнеза и да се направи детален физикален преглед. За дефинитивна дијагноза, потребно е дополнително да се направат лабораториски испитувања за нивото на Т3, Т4 и ТSH.

ЛЕКУВАЊЕ

Третманот за хипотироидизам се состои од секојдневно примање на синтетски создадени тироидни хормони. Пред да се одреди која е соодветната доза за конкретниот пациент, потребно е да помине одреден временски период.

Оралната терапија за хипотироидизам се зема доживотно.

Izvor: Neuromedica, http://neuromedica.com.mk/,